| ГЛАВНО МЕНИ |
Општи информации
Деловни информации
Општински органи
|
|
 |
|
Клима
|
 |
Bо Куманово се чувствуваат влијанија на топли и студени воздушни маси кои усло-вуваат во климатски поглед да се издвојат две годишни времиња и тоа: студена и влажна зима и топло и суво лето.
Од преодните годишни времиња поизразена е есента, понекогаш долга и топла, што е одлика на умерено-континентална клима. На околните планини повеќе се изразени одликите на континенталната клима.
Температурата на воздухот е важен метеоролошки елемент. Според наведените фактори таа се одликува со континентални карактеристики и има различни дневни и месечни вредности. Нејзината средна
годишна вредност изнесува 11,8°С (за Куманово), а на падините на околните планини е пониска, во зависност од надморската височина.
Врнежите, изразени преку разни видови и количини како и распоред во текот на годината, се значаен метеоролошки елемент и имаат голема важност за стопанската и друга активност на луѓето.
Тие во Куманово имаат изменет медитерански плувиометриски режим, што за овој крај се одликува со зголемена количина на врнежите во пролетните месеци кога е и главниот максимум (мај),
и со помала количина врнежи во ноември, како спореден максимум.
Просечна годишна количина на врнежи во Куманово во наведениот период изнесува 549,3 мм на квадратен метар и спаѓа во второ подрачје во Македонија според сушност. Во околниот ридест и планински
терен просечните годишни количини на врнежи се повисоки, што може да се види од податоците на одделни мерни станици, каде што во наведениот период е мерена количина на вриежите. Во Драгоманце се
измерени 573,6 мм, а во Бајловце 662,1 мм. Во Кумановско во наведениот период имало и сушни години кога вкупната количина на врнежи изнесувала околу 300 мм (1952 г.) Сушите, најчесто, се карактеристични
за летните месеци, а може да продолжат и во есен. Тие обично се проследени со високи температури и нанесуваат големи штети на земјоделството и вкупната стопанска активност на луѓето. Во пролетни и летни
месеци има појава на поројни дождови кои, понекогаш, се проследени со врнежи од град. Од овие дождови можни се поплави на делови од градот и земјоделските површини, при што има значителни материјални
оштетувања. Куманово со околината спаѓа во области каде градобијноста е честа појава, со просечно 2-3 дена во годината во кои има појава на град кој им нанесува големи штети на земјделските култури (во делови од Општината зафатени со град).
Денови со врнежи од град се јавуваат од април до август, со максимум во мај. Во зимскиот дел од годината дел од врнежите паѓаат во вид на снег, што различно се задржува.
Кумановскиот регион се одликува и со изразита ветровитост. Најчесто дува северниот и, помалку, северозападниот ветер. Северниот ветер дува преку цела година, но најчесто е во јуни, јули и јануари, а најредок во март и мај. Просечна
честина на овој ветер изнесува 331%о. Средномесечната брзина е различна, а годишниот просек изнесува 3,2 м. во секунда. Овој ветер дува и со поголема брзина кога достигнува максимална брзина до 26,5 м. во секунда (околу 95 км. на час).
Втор ветер по честина е северозападниот кој најчесто дува од мај до октомври, а во останатите месеци поретко се јавува. Неговата честина е помала и изнесува 105%о. И средногодишната брзина му е помала и изнесува 1,9 м. во секунда.
Осончувањето или должината на сончевиот сјај исто така е важен метеоролошки елемент што има големо влијание врз животот на луѓето и нивната стопанска дејност, особено земјоделската. Просечното годишно осончување изнесува околу 2200 часови,
а во околниот планински терен таа бројка е поголема. Осончувањето е најголемо во јуни, а најмало во декември и јануари. Осончувањето зависи од неколку фактори од кои позначаен е бројот на ведрите или облачните денови. Годишно во Куманово
просечниот број на ведри денови изнесува 84 со максимум во август (просечно 16 ведри денови), додека годишно има просечно 97 облачни денови, со максимален број на облачни денови во јануари (16 дена).
|
|
|
 |
|